Македонија Иванов ги повика лидерите на партиите да покажат одговорност

Иванов ги повика лидерите на партиите да покажат одговорност

Претседателот Ѓорге Иванов ги повикува лидерите на политичките партии да покажат одговорност кон граѓаните и кон нивните и интересите на државата и да стават крај на политичката криза.

Политичкиот договор кој беше постигнат за таа цел има јасни рокови и обврски, се вели во јавниот апел на Иванов. Тој нагласува дека крајно време е доследно, без понатамошно одолжување, да го спроведат политичкиот Договор од Пржино.

Претседателот Иванов оценува дека е недозволиво несериозното однесување и немањето чувство за одговорност и за државност.

„Не може да се избегнуваат обврските од Договорот, а со тоа да се доведе во прашање европската и евроатланската перспектива, како и просперитетот на граѓаните на Република Македонија“, пишува во соопштението од кабинетот на Иванов.

Во соопштението се вели дека Македонија, регионот и Европа се соочуваат со сериозни предизвици и она што најмалку ни е потребно денес е продлабочување на политичката криза.