Македонија Искршени стаклата на штабот на ВМРО-ДПМНЕ во село Другово

Искршени стаклата на штабот на ВМРО-ДПМНЕ во село Другово

Непознато лице вчера во село Другово, Кичевско, ги искршило стаклата на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, наведува МВР во полицискиот билтен.

„Во времето од полноќ до 16 часот, во село Другово– Кичево, непознат сторител со употреба на тврд предмет искршил две стакла од објектот кој се користи како штаб на политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Увид на местото на настанот е извршен и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот“, информираат од МВР.

Вчера во полициското одделение во селото Мирковци независниот кандидат за градоначалник на општина Чучер-Сандево, Г.Ч.(40), пријавил дека кај раскрсницата кај Чардак забележал повеќе фотокопии од ливчиња расфрлани на улицата на кои пишувало „Потврда за казнена евиденција“ со негово име и презиме.

Кандидатот за градоначалник потврдата ја извадил кога ја поднесувал кандидатурата и ја доставил единствено кај претседателот на општинската комисија на Чучер-Сандево.

Полицијата фотокопии од потврдите пронашла и на автобуските постојки во селата Кучевиште, Бразда, Мирковци, Сандево и Бањани.