Подглавна секција Иранска хакерска група извршила сајбер напад врз албанскиот парламент

Иранска хакерска група извршила сајбер напад врз албанскиот парламент

Ова е четвртиот масовен напад врз албанска технолошка инфраструктура извршен од Иран во последните две години

Фото: Image by joffi from Pixabay

Парламентот на Албанија соопшти дека бил нападнат од иранска група хакери, која го нападнала податочниот систем на парламентот со намера да ја спречи неговата работа, пишува Дојче веле.

„Сајбер нападот не влијаеше на податоците на системот. Ангажирани се експерти да откријат какви точно последици може да има нападот“, стои во соопштението на парламентот.

Иранска хакерска група „Homeland Justice“ („Правда за татковината“) изјави во група на Телеграм оти тие нападнале телефонска компанија и авиокомпанија. Тврдат дека избришале повеќе од 2 петабајти од податочните системи на компаниите.

Групата тврди дека ќе издадат лични податоци на корисниците на телекомуникациската мрежа.

„Корумпираните пратеници наскоро ќе бидат уништени кога ќе сфатат како нивните внатрешни демони ќе бидат изложени пред сите“, изјави „Homeland Justice“.

Ова е четвртиот масовен сајбер напад во Албанија од Иран во последните две години. Игли Тафа, генерален директор на Националната управа за електронска сертификација и сајбер безбедност во 2022 година за Дојче веле рекол дека забележале над 800.000 кибернапади од Иран.

Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран по обвинувањата за сајбер нападите. Иран претходно ја имаше прогласено Албанија за непријателска земја откако таа прими бегалци од иранската опозиција.