Подглавна секција Илон Маск формира нова компанија за вештачка интелигенција

Илон Маск формира нова компанија за вештачка интелигенција

Новата компанија ќе регрутира истражувачи од врвни технолошки фирми, вклучувајќи ги Гугл, Оупен Еј-Ај и Mајкрософт рисрч, вели Маск

Илон Маск / Фото: Daniel Oberhaus, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

Милјардерот Илон Маск во средата на својот Твитер профил објави дека формирал нова компанија за вештачка интелигенција, наречена xAI, која ќе функционира со истражувачи на Гугл и Oупен Еј-Ај, чија цел е како што вели тој, „да ја разбере реалноста“.

Компанијата, која ќе работи одвоено од другите бизниси на Маск како Тесла и Твитер, ќе соработува тесно со овие бизниси, според она што е објавено на веб-страницата на xAI.

Тимот на xAI се состои од 12 вработени вклучувајќи го и Маск, со експертиза од компании како што се Мајкрософт рисрч, Дип мајнд, Оупен Еј-Ај и Гугл. Мисијата на xAI се усогласува со претходните изјави на Маск за разбирање на вистинската природа на универзумот, користејќи технологија за вештачка интелигенција.

Изборот на Маск да го објави дебито на xAI на 12 јули, беше поврзан со референца од научно-фантастичниот роман „Водичот на автостоперот до галаксијата“ од Даглас Адамс. Маск истакна дека датумот, 7-12-23, се собира до 42, бројка што е славно поврзана со одговорот на животот во романот.

Инаку, Ден Хендрикс, директорот на Центарот за безбедност на вештачката интелигенција, ја нагласи загриженоста како што е злонамерната употреба на вештачката интелигенција за развој на смртоносни биооружја и намерното ослободување на непријателските системи со вештачка интелигенција кои би можеле да му наштетат на општеството.

Јавното воведување на xAI ги следи претходните коментари на Маск за развој на алтернативна алатка за вештачка интелигенција, која бара максимална вистина и има за цел да ја разбере природата на универзумот. Маск ја изрази својата загриженост за потенцијалните егзистенцијални ризици поврзани со напредните системи со вештачка интелигенција. Претходно, тој повика на пауза во развојот на модели со вештачка интелигенција помоќни од GPT-4 на OpenAI.