Македонија Ибраимоски: Секој невработен до 29 години да добива по 100 евра

Ибраимоски: Секој невработен до 29 години да добива по 100 евра

На секое невработено лице, или, како што вели власта, на секое лице кое активно бара работа, до наполнување на 29 години, да му се исплаќа по 100 евра во денарска противвредност секој месец сè до неговото вработување, односно до наполнување 29 години, предлага Самка Ибраимоски, лидер на Партијата за целосна еманципација на Ромите.

– Тоа ќе доведе до разгорување на младешката инвентивност и до постојано настојување за промена на состојбите. Некој ќе се образува, некој ќе почне со земјоделска дејност, некој ќе изучи некој занает и слично. Во Република Македонија проблемите околу младите се до таа мерка изострени, што веќе многу мерки за санирање на состојбите се задоцнети. Досега преземените мерки се бледи, спорадични и со многу ограничен домет. Невработеноста, иселувањето од земјата, избегнувањето на брачната заедница и слично, стануваат препознатлив белег на нашите млади,  од кои очекуваме најмногу и кои треба да бидат двигатели на најпрогресивните процеси во нашето општество – вели Ибраимоски.

Тој предлага средствата да бидат неповратни. Предлогот е лесно административно спроведлив, или, како што се вели, со мал административен товар и мали трошоци. Нема посредници, нема работодавци, нема банки, нема хипотеки. Никој не поднесува кредитно барање, никој не селектира, никој не одобрува. Без гаранции и задолжувања, нема евиденции за наменското трошење, нема евиденции за враќањето.