Свет Балкан И денеска блокади на Богородица, Дојран и на Меџитлија

И денеска блокади на Богородица, Дојран и на Меџитлија

Грчките земјоделци и денеска продолжуваат со блокирање на македонско-грчката граница на трите премини Богородица, Меџитлија и Дојран.

Граничниот премин Богородица денеска е блокиран од 11 до 13 часот, а ќе биде и од 17 до 20 часот. Дојран ќе биде затворен за преминување од 9 до 14 часот и 18 до 20 часот по македонско време, додека Меџитлија ќе се соочи со блокада од 11 до 13 и од 18 до 20 часот.

Земјоделците најавуваат дека од утре можно е да има нов временски интервал кога ќе бидат блокирани границите. Богородица и Дојран ги блокираат околу 800 трактори на грчките земјоделци.

Покрај македонските, блокирани се и граничните премини кон Бугарија, Албанија и кон Турција, а голем број блокади има и низ Солун, меѓу другото, и на патот кон аеродромот.

Ситуацијата е најостра кај преминот Темпи, кај Лариса, кој ќе биде затворен 24 часа, сè до утре.

Грција со овие блокади е симболично поделена на два дела меѓу Атина и Солун. Дел од земјоделците се закануваат дека 24-часовна блокада може да се воведе и на други точки во земјата.

Земјоделците се одлучени да не отстапат од своите позиции и се со намера да ги засилат протестите, особено во пресрет на големиот работнички штрајк закажан за четврток, на кој масовно ќе излезат претставници и од јавната администрација и ос приватниот сектор во бунт против владината одлука за намалување пензии и здравствено осигурување.

На нивниот денешен состанок се очекува да биде одлучено кои ќе бидат следните чекори.

Ципрас неделава ќе се најде приклештен меѓу граѓанските протести и кредиторите, бидејќи од изутринава претставниците на меѓународните кредитори се среќаваат со министрите за финансии и за економија за да преговараат околу договорените мерки и реформи и за да се договори и утврди конечната листа на мерки што ќе ги опфати здравственото и пензиското осигурување и тоа како законот би одел на гласање во парламентот за да може да се спроведува. Оцените се дека кредиторите силно ќе притиснат за намалување на пензиите, што нема да ѝ остави на владата голем простор за маневрирање и за обид да се ублажат мерките за да им излезе во пресрет на барањата на земјоделците и на другите демонстранти од јавниот и од приватниот сектор, кои се бунат против оваа драстична мерка.