Подглавна секција Хуманитарниот систем во Газа е под „сериозен ризик од колапс“, вели Гутереш

Хуманитарниот систем во Газа е под „сериозен ризик од колапс“, вели Гутереш

Тој се повикува на членот 99 од Повелбата на ОН, кој вели дека генералниот секретар може да го информира Советот за безбедност за прашања за кои верува дека го загрозуваат меѓународниот мир

Извор: Palestinian News & Information Agency (Wafa) in contract with APAimages, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=138775595

Генералниот секретар на Обединети Нации (ОН), Антонио Гутереш, вели дека Газа се соочува со „сериозен ризик од колапс на хуманитарниот систем“. Гардијан го пренесува неговото писмо, во кое истакнува дека хуманитарниот систем на Газа е во опасност од колапс по два месеци војна што создала „ужасно човечко страдање“.

Тој се повикува на членот 99 од Повелбата на ОН, кој вели дека генералниот секретар може да го информира Советот за безбедност на ОН за прашања за кои верува дека го загрозуваат меѓународниот мир.

Се очекува тој да се обрати пред Советот за безбедност на ОН за да изврши притисок за прекин на нападите.

Израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан реагираше на потегот, велејќи дека генералниот секретар се повикал на член 99 за да изврши притисок врз Израел, обвинувајќи го шефот на ОН за „ново морално ниско ниво“ и „пристрасност против Израел“.

Дополнително, австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг денес изјави дека има се помалку безбедни места за цивилите во Газа и се придружува на САД во предупредувањето дека Израел ризикува стратешки пораз, а крајот на еднонеделната „пауза“ во непријателствата го опиша како „сериозен неуспех“.