Македонија Хојт Ји барал средба со Иванов, но претседателот е презафатен

Хојт Ји барал средба со Иванов, но претседателот е презафатен

Заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, в понеделник нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, потврдија за „Мета“ од кабинетот на претседателот.

„До кабинетот на Претседателот на Република Македонија беше упатено барање за средба со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, но со оглед на претходно утврдените обврски на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, нема можност за реализација на таква средба“, велат во кабинетот.

Посетата на Ји доаѓа речиси два месеци откако тој од Загреб го повика Иванов да ја ревидира одлуката за доделување на мандатот.

– Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците што изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формира влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија – изјави Ји во Загреб.

Ји в понеделник ќе се обиде да помогне во надминувањето на политичката криза. Тој за време на еднодневната посета ќе разговара со политичките лидери за статусот на формирањето нова влада, за билатералните односи, како и за неопходните реформи за евроатлантска интеграција на земјава.