Македонија Хелсиншкиот комитет апелира за мирни протести без насилство

Хелсиншкиот комитет апелира за мирни протести без насилство

Извор на фотографија: ВМРО-ДПМНЕ

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска излезе со соопштение, во кое изразува загриженост за настаните од вчерашниот протест против францускиот предлог, кој ескалираше со насилство и употреба на говор на омраза.

„Го осудуваме секој чин на насилство и секој говор на омраза, како и поттикнувањето и повикувањето на насилство, како крајно штетни и спротивни на вредностите на едно демократско општество“, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Тие додаваат дека секогаш го поддржуваат правото на секој граѓанин кој сака да го изрази својот став преку мирен протест, како уставно загарантирано право. Оттука, од Хелсиншкиот комитет повикуваат на мирни и достоинствени јавни собири на граѓаните што протестираат.

„Ги повикуваме полициските службеници со должно внимание да ги обезбедуваат протестите, без пречекорување на нивните надлежности, со употреба на пропорционална сила само доколку е потребно“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Тие апелираат до сите политичари и јавни личности да внимаваат каков говор употребуваат во своите обраќања до јавноста и транспарентно да ги информираат граѓаните, без притоа да разгоруваат омраза и нетрпеливост.

„Дополнително, апелираме медиумите да внимаваат како ги пренесуваат моменталните случувања, водејќи се од начелата на објективност и непристрасност при известувањето“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги следи протестите и настаните и ќе реагира соодветно на секој чин на насилство од која било страна. Доколку во кој било момент Комитетот увиди примена на прекумерна сила од страна на полицијата, ќе покрене постапки пред надлежните институции.