Македонија Хан се надева дека наскоро ќе биде формирана влада поддржана од мнозинството

Хан се надева дека наскоро ќе биде формирана влада поддржана од мнозинството

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, денеска во своето обраќање пред Парламентарното собрание на Советот на Европа ги предупреди земјите кандидатки за членство во Европската Унија дека „нема преговори за владеење на правото, бидејќи тоа мора да се применува без отстапки“.

На прашањето на британскиот пратеник Марк Причард, од редовите на групата на европските конзервативци, дали може да се даде прецизен датум за членството на Македонија во ЕУ, еврокомесарот изрази надеж дека ќе се постигне напредок, потсетувајќи дека пред две години е постигнат договор кој има цел да го поддржи процесот на реформи за земјава да се приближи до ЕУ.

– Во рамките на тој процес, требаше да одржат предвремени избори, тоа е направено во декември. Сега земјата треба добие влада и се надевам дека земјата ќе влезе во транзициска фаза, која ќе ѝ дозволи да создаде влада што ќе може да се потпри врз едно уставно мнозинство – рече Хан, додавајќи дека мора да се реши спорот за името и оти за тоа е потребно уставно мнозинство.

Прашан за политичката ситуација во Македонија по предвремените парламентарни избори, Хан изрази надеж дека наскоро ќе се формира нова влада и оти земјата ќе може да ги почне преговорите за членство.

– Се надевам дека наскоро ќе биде формирана новата влада, подржана од мнозинството за да продолжи да отвора европски перспективи за земјата и за да можеме набргу да ги почнеме преговорите за членство и поглавјата за преговори едно по друго. Но, потребно е за тоа да се исполнат некои услови. Тоа ќе биде можно само ако има широко парламентарно мнозинство кое ќе ја поддржи владата на оваа земја. Само тогаш можат да бидат донесени потребните мерки – рече Хан.