Главна секција Хан на Заев му повторил дека со Ципрас покажал храброст, визија и...

Хан на Заев му повторил дека со Ципрас покажал храброст, визија и државништво

Премиерот Зоран Заев денеска на маргините на Светскиот економски форум во Давос, се сретна со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан кого го информирал за средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас, за постигнатиот резултат од средбата и за потенцијалите за ново, квалитетно, поместување на билатералните односи, информираат од владината прес-служба.

„Комесарот Хан, му го пренесе на премиерот Заев и непосредно неговиот став за средбата со Ципрас искажан веднаш после настанот на социјалните мрежи и подвлече дека средбата е многу добра вест, која покажува храброст, визија и државништво, и дека решавање на долгогодишниот спор ќе биде добро за двете земји, регионот и Европа“, се вели во владиното соопштение.

Премиерот Заев на средбата нагласил дека средбата е значајна и за охрабрување на имплементацијата на отпочнатите реформи во Македонија, и дека ја потврдува политичката волја на Владата да ги затвора долготрајните отворени прашања со соседните земји, да ја поттикнува регионалната динамика и да биде веродостоен партнер на своите меѓународни пријатели паралелно со секојдневните остварувања и на домашната општествена сцена.