Главна секција Хан и европратеничката тројка со заедничка изјава го поздравија договорот

Хан и европратеничката тројка со заедничка изјава го поздравија договорот

Европската комисија денеска објави заедничка изјава на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и на тројцата европратеници, Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховид, во која се поздравува договорот што го постигнаа лидерите на четирите политички партии за решавање на кризата во Македонија.

„Ја поздравуваме посветеноста на договорот на четирите главни политички партии во поранешна југословенска Република Македонија, кој следеше по конструктивните преговори во Скопје на 14 и на 15 јули“, стои во изјавата и се додава дека Европската комисија и европратениците во следните месеци одблизу ќе го следат спроведувањето на договорот, кој се темели на спогодбата постигната на 2 јуни.

Во прилог на изјавата е објавен и договорот, според кој се утврдени серија потези и мерки што државата треба да ја доведат до предвремени избори во април следната година.