Македонија Хан – Груевски: Исполнети се условите за одржување предвремени избори

Хан – Груевски: Исполнети се условите за одржување предвремени избори

Актуелните политички случувања, изборите и мигрантската криза биле темите на разговор на средбата меѓу еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Соговорниците констатирале дека се исполнети условите за одржување на предвремените парламентарни избори на 11 декември.

Груевски посочил дека изборите се единствениот начин за излез од политичката криза, а за веродостојноста на целокупниот процес и за градењето доверба, потребен е ангажманот и придонесот на сите политички субјекти.

Груевски, исто така, истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ принципиелно се придржува и го дава својот придонес во исполнување на политичкиот договор постигнат меѓу партиите.

Соговорниците разговарале и за предизивците со мигрантската криза, при што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го истакнал досегашниот значаен придонес на Македонија, а за понатамошните активности било заклучено дека е потребно заедничко координирање и дејствување во согласност со стратешките определби на Унијата.

Еврокомесарот Хан денеска се сретна со лидерите на политичките партии, претставници од невладините организации и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.