Главна секција Хан: Ако партиите не се фокусирани на фер избори, новата влада нема...

Хан: Ако партиите не се фокусирани на фер избори, новата влада нема да биде меѓународно признаена

„Навистина сум разочаран од последните настани. Ние инвестиравме многу во договорот од јуни-јули минатата година за да се донесе земјата назад на евроатланскиот пат. Многу од роковите не беа испочитувани кога требаше, но конечно тоа беше направено. И затоа фактот дека сега изборите на 5 јуни се под тешка ситуација, искрено не знам како ќе изгледа по изборите. Мислам дека можам само да ги повикам сите партии, исто и граѓанското општество, но особено политичките партии, да се вратат на преговарачка маса и да останат посветени на евроатлантската перспектива на земјата“, истакнал еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во обраќањето во институтот „Брукингс“ во Вашингтон, одговорајќи на прашање од Обединетата македонска дијаспора.

Еврокомесарот истакнал дека ако партиите не работат заедно и не останат фокусирани на фер избори, новата влада нема да биде меѓународно прифатена и признаена.

Хан додал дека заедно со членови на Европскиот парламент ќе се обидат да направат уште еден напор и да посредуваат.

– Не можам да ветам ништо, но се надевам дека постепено луѓето во регионот и во некои други делови ќе разберат дека демократијата значи да се постигне договор и компромис, а не да се има став на победник или губитник. Во спротивно, никогаш нема да бидете успешни. Луѓето во регионот заслужуваат подобра иднина, а тоа е единствено можно ако се има јасна европска перспектива. Ова вклучува европско или демократско сфаќање на владеењето на правото. Ова, мислам, веќе е одговор на опсежното помилување на луѓе од страна на претседателот на државата – истакнал Хан.