Подглавна секција Хамас одговори на договорот за примирје од Израел

Хамас одговори на договорот за примирје од Израел

Хамас наводно одговорила позитивно на предложениот договор за примирје кој беше подготвен од Израел, САД, Египет и Катар, но имале забелешки во однос на деталите околу обновата на инфраструктурата во Газа и враќањето на раселените палестински граѓани во своите домови

Фото: Лидерот на Хамас, Исмаил Ханијех, Council.gov.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Хамас одговори на договорот за примирје, кој беше подготвен по преговори меѓу Израел, САД, Египет и Катар. Премиерот на Катар изјавил оти одговорот на Хамас генерално бил „позитивен“, известува Би-би-си.

Деталите на договорот сè уште не се јавни, но претходно медиумите добија информации дека станува збор за шестнеделно примирје, кое би вклучувало размена на палестински затвореници во Израел и заложници кои беа заробени од Хамас за време на нивниот напад врз Израел на 7 октомври.

Договорот за примирје е навидум сличен како претходното еднонеделно примирје во ноември, кога беа ослободени 240 палестински затвореници и 105 заложници кои беа заробени во Газа.

Сепак, Хамас имале забелешки околу деталите на договорот. Барале поголем фокус на обновата на инфраструктурата во Газа и враќањето на раселените палестински граѓани во своите домови.

Исто така барале да се ослободат речиси 3000 палестински затвореници, барање кое американскиот претседател Џо Бајден го опиша како „малку пртерано“. Дополнително, за разлика од претходното примирје, кога ослободените палестински затвореници беа воглавно малолетници, жени, тие со помали казни или тие во управен притвор, овој пат Хамас бараат да се ослободат попроминентни милитанти.

Но, тензијата меѓу двете страни на вооружениот судир постава препреки во глаткиот тек на преговорите за примирје.

Имено, Израел тукушто ги извести семејствата на 31 од заложниците заробени од Хамас дека тие се мртви. Тие сочинуваат повеќе од петтина од 136 преостанати заложници во Газа.

Од друга страна, тоа што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавил дека војната нема да престане сè додека не се убијат лидерите на Хамас „не ги поттикнува Хамас да потпишат договор за примирје“, вели новинарот Амос Харел за израелскиот весник Хаарец.

Според анализа на Гардијан, дополнителна препрека во преговорите е тоа што Нетанјаху ги одложува преговорите со цел останување на власт подолго.

Гардијан исто дополнува дека постојат тензии и несогласувања во самите структури на Хамас.

На почетокот на војната, лидерот на Хамас во Газа Јахја Синвар ги повикувал соседните муслимански земји да ѝ се приклучат на борбата на Хамас, додека Исмаил Ханијех, лидерот на Хамас во Катар, обидувал да ја стабилизира ситуацијата и да приговара за примирје.

Сега пак, Синвар и неговите сојузници, изморени од борбата во Газа, се помируваат со привремено примирје, додека пак Ханијех е тој кој бара да се прошири договорот за примирје.