Подглавна секција Хамас и САД велат дека во финална фаза е договорот за ослободување...

Хамас и САД велат дека во финална фаза е договорот за ослободување на заложниците

Договорот би вклучувал петдневно примирје, како и ослободување на палестински затвореници, известува Франс-прес според анонимни функционери од Хамас

Фото: Бенјамин Нетанјаху, Џо Бајден, Исмаил Ханијех, Council.gov.ru, CC BY 4.0; Adam Schultz, Public domain; Avi Ohayon / Government Press Office of Israel, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Неколку извори од Хамас велат дека договорот за ослободување на заложниците кои беа заробени од Хамас за време на нивниот напад врз Израел на 7 октомври е речиси готов, известува Би-би-си. Хамас се подготвени да го прифатат договорот.

Лидерот на Хамас Исмаил Ханијех, кој живее во Катар, испрати изјава до Франс-прес (АФП) и други новински агенции оти се блиску до финализирање на договорот.

Анонимни високи функционери од Хамас изјавиле за АФП дека договорот би вклучувал петдневно примирје, ослободување на 50-100 заложници (не вклучувајќи војници-заложници) и ослободување на околу триста палестински затвореници во Израел.

Исат ел Решик, претставник на Хамас, пак, изјави за Ал Џезира дека моменталниот фокус на преговорите се времетраењето на примирјето, доставувањето хуманитарна помош во Газа и размената на израелски заложници за палестинските затвореници. Според него, двете страни би ослободиле жени и деца.

Дополнително, Џон Кирби, висок безбедносен функционер на САД вели дека иако нема новост околу договорот за размена, двете страни се поблиску до успешни преговори од што биле досега. Претседателот на САД Џо Бајден исто така искоментира дека преговорите се движат во добар правец.

Израел сѐ уште нема официјално коментирано во однос на евентуалниот договор, иако амбасадорот на Израел во САД рече дека има надеж за договор во текот на следните денови.

Инаку, Индонезиската болница, која е единствениот здравствен објект којшто и понатаму функционира во северот на Газа, е опкружен со израелски тенкови. Сведоци за Би-би-си велат дека уште се слушаат и повремени истрели околу болницата од време на време.