Македонија „ХалкЕко Скопје трча 10 км“ се одржа по седми пат

„ХалкЕко Скопје трча 10 км“ се одржа по седми пат

Околу 1.500 натпреварувачи ја почнаа трката од фонтаната „Лотос“ и на истото место ја завршија оваа десеткилометарска трка

Фото: ХалкЕко Скопје

Денеска по седми пат се одржа „ХалкЕко Скопје трча 10 км“, трка која се здоби со сертификат од Светска атлетика и АИМС. Околу 1.500 натпреварувачи ја почнаа трката од фонтаната „Лотос“ и на истото место ја завршија оваа десеткилометарска трка.

„ХалкЕко Скопје трча 10км“ е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, ко-организатори се Триатлон федерација на Македонија и А.К. Работнички, под покровителство на Агенција за млади и спорт и Град Скопје.

Победник во машка конкуренција на седмото издание на оваа трка е Дарио Ивановски со време од 30:22 минути, на второто место се најде Тирон Мамуша од Албанија за 32:29 минути, додека трката трет ја заврши Иван Пешовски за 32:53 минути.

Фото: ХалкЕко

Кај дамите целта прва ја помина Билсерин Сулејман од Бугарија за време од 36:58 минути, второто место и припадна на Биљана Кираџиева од Србија за време од 38:54 минути, додека пиедесталот го надополни Маринела Цекова од Бугарија која ја заврши трката како третопласирана за 40:30 минути.

Фото: ХалкЕко Скопје

„Од локална трка која започна пред 7 години, „ХалкЕко Скопје трка 10км“ прерасна во меѓународна трка. Оваа трка е втората трка во Македонија која е светски признаена од АИМС и Светска атлетика. Секоја година се зголемува бројот на учесници на оваа трка, што докажува дека нашите граѓани го сакаат трчањето и здравиот начин на живот. Во оваа прилика сакам да им честитам на победниците и ги поздравувам сите кои учествуваа на седмото издание на ХалкЕко Скопје трча 10км“, изјави Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.