Македонија Груевски за „Прес 24“: Немаме податоци дека зад Куманово стои странска држава

Груевски за „Прес 24“: Немаме податоци дека зад Куманово стои странска држава

Во интервју за порталот „Прес 24“, премиерот Никола Груевски зборува за неколку актуелни прашања, за неговото обраќање пред пратеничката група на Европската народна партија, за европската иднина на Македонија, гасоводот, Куманово и слично.

Еве ги неговите ставови за некои од тие теми:

За европската иднина на Македонија: „Многу јасно кажав дека иднината на Македонија е во НАТО и во ЕУ. Патем, тоа го имаме демонстрирано и преку бројните наши учества во НАТО и во ЕУ-мисиите. Значи, ниту јас, ниту Владата немаме дилеми за ова прашање“.

За руските знамиња на митнгот на ВМРО-ДПМНЕ: „Ги видов сликите и од она што го забележав, станува збор за неколку, можеби два-три такви случаи. Живееме во демократија и не можеме да им забраниме на луѓето што да облечат или кого да симпатизираат. Сепак, сосема друга работа е стратешката определба.“

За Куманово: „Досега немаме податок дека некоја држава или нејзина разузнавачка служба, вклучувајќи ги и гореспоменатите, дала логистика или на кој било начин  ја поттикнала криминално-терористичката група да го стори делото.“

За прислушувањето и за странските служби: „Во денешно време на огромен технолошки напредок на најголемите суперсили во светот во разузнавачко-безбедносната и во телекомуникациската сфера, меѓу кои ги вбројувам САД, Германија, Франција и Британија, мислам дека не им е потребенa осомничената агентурна мрежа во Македонија,  доколку одлучат да дојдат до таков вид материјали. Оттука, нема логика тие да стојат како организатори на овој процес“, истакна премиерот.

Но, тој е сигурен дека станува збор за странски служби „ И во исказите на двајцата од осомничените, а едниот од нив и со судска пресуда, се кажува дека самиот Верушевски им говорел дека материјалите што тие илегално ги снимале, за што признаа дека примале и паричен надомест, се наменети за странска разузнавачка служба. Тоа се искази на неговите соработници“, вели премиерот.

За „Турски тек“: „Нашиот став за овој проект е дека кога Брисел и Москва ќе постигнат договор за него, ние би се вклучиле.“