Дописници Груевски во Прилеп: Реконструкцијата на железничките станици по Коридорот 10 ќе биде...

Груевски во Прилеп: Реконструкцијата на железничките станици по Коридорот 10 ќе биде готова до 2016 година

Премиерот Никола Груевски денеска го посети прилепскиот регион и направи увид во градежните работи на железничката станица во Прилеп. Во изјава за новинарите, премиерот посочи дека железничката станица во Прилеп заедно со железничката во Скопје ќе бидат целосно обновени до крајот на годинава.

– Во моментов се реконструира и железничката станица во Велес. Другите железнички станици на Коридорот 10 овие недели ќе почнат да се реконструираат и треба да бидат готови до 2016 година – изјави Груевски, кој беше придружуван од министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Како што соопшти премиерот, во тек е и набавката на нови композиции и на вагони за патнички сообраќај, а веќе се набавени и 150 вагони за товарниот сообраќај.

– Реконструкцијата на пругата на Коридорот 10 е во длабока и завршна фаза. Патничките вагони треба да стигнат до јануари наредната година. Со овие зафати во трите клучни сегменти во железничкиот сообраќај, граѓаните повеќе ќе го користат и ќе патуваат поудобно. Железничкиот сообраќај е исклучително значаен и за нашите граѓани и за оние кои транзитираат низ Македонија – нагласи Груевски.

Б.Б.