Главна секција Груевски: Со Бајден зборувавме и за добрите работи и за предизвиците

Груевски: Со Бајден зборувавме и за добрите работи и за предизвиците

Заврши средбата помеѓу премиерот Никола Груевски и потпретседателот на САД, Џо Бајден, на која се зборувало за политичкиот дијалог, реформите, економијата и за економската соработка, како и за членството на Македонија во ЕУ и во НАТО.

– Со Бајден имавме одлична и пријателска средба. Од последното наше гледање досега се имаат случено многу добри работи, но и многу предизвици. Зборувавме и за добрите работи и за предизвиците. Америка е наш партнер, ние имаме потпишано декларација за стратегиско партнерство во 2008 година и во многу работи имаме сериозна поддршка од САД во овој изминат период. На средбата зборувавме за повеќе теми. Зборувавме за политичкиот договор, за реформите во повеќе сфери, за економијата и за економскта соработка, за безбедносните предизвици, но зборувавме и за членството на Македонија во НАТО и во Европската унија. Ние ќе продолжиме да соработуваме и во иднина со Америка, особено на полето на влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ и нивната поддршка во тој правец ќе биде многу значајна за нас во иднина – изјави Груевски по средбата.

Претходно Груевски оствари средби и со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот, и со Ален Берсин, помошник секретар за национална безбедност.

Груевски и Сешн на средбата ги поздравиле билатералните односи помеѓу Република Македонија и САД, истакнувајќи заложба за личен ангажман во нивното понатамошно продлабочување и унапредување, а со Берсин разговарале за можностите за унапредување на соработката на Република Македонија и на САД во областа на безбедноста и на превенцијата од безбедносни ризици.