Економија Груевски промовираше нов проект за земјоделците

Груевски промовираше нов проект за земјоделците

Новиот проект што денеска го промовираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, „Агробизнис-зона Македонија“, подразбира интегрирана зона во која на едно место ќе бидат застапени и сконцентрирани складишни центри, трговци и компании, како и други претставници на синџирот за набавка на свежи и на преработени земјоделски производи.

Проектот, како што најави Груевски, е комплексен и неговото организирање и изградба ќе почне во третиот квартал од годинава, а ќе биде функционален во 2018 година.

Предлогот е зоната да биде сместена во Неготино.

– Агробизнис-зоната ќе овозможи собирање на свежото земјоделско производство и негова дистрибуција кон крајните потрошувачи, во и надвор од земјата. Главните бизнис-активности што ќе се нудат во зоната ќе бидат калибрирање, пласирање, пакување и разладување, определување цена на берза, утовар и дистрибуција и купопродажба. Со тоа Македонија ќе добие интегриран систем за пласман на земјоделското производство што ќе го намали бројот на учесници во синџирот на набавка и ќе овозможи поповолна цена за земјоделските производители, но и механизам за воспоставување фер цени и амортизација на ценовните шокови во периодот на пазарни вишоци – изјави Груевски.