Македонија Груевски на средбата со Хајндл: За брз излез од кризата потребна е...

Груевски на средбата со Хајндл: За брз излез од кризата потребна е функционална влада

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и специјалниот пратеник на министерот за надворешни работи на Германија, Јоханес Хајндл на денешната средба разгледувале различни аспекти на политичката криза како и „различните можности кои би довеле до нејзинот разрешување“, се вели во соопштението од владејчката партија за средбата.

Груевски на средбата истакнал дека неговата партија е посветена кон изнаоѓање на решенија за брз излез од „наметната политичка криза“ и дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е граѓаните да имаат можност да избираат помеѓу политичките субјекти и квалитативно да ги вреднуваат нивните политики и чекори.

„При носењето на одлуките ВМРО-ДПМНЕ се води од начелата содржани во Уставот, Законите и волјата на граѓаните притоа штитејќи го интересот на државата и затоа е потребно изнаоѓање на решенија со кој брзо ќе се надмине кризата и ќе се врати државата на патеките на напредокот и економскиот развој. За тоа е потребна функционална влада со полн легитимитет за реализација на ветените проекти од програмата и враќањето на сигурноста кај граѓаните при што ќе се помогне и во реализација на реформите кои произлегуваат како обврска од извештајот на Прибе важни за реализација на евроинтеграциските процеси“ истакнал Груевски, стои во соопштението.