Македонија Груевски му соопштил на Рама дека е за отворена соработка со Албанија

Груевски му соопштил на Рама дека е за отворена соработка со Албанија

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска се сретна со премиерот на Република Албанија, Еди Рама, со кого разговарал за македонско-албанските односи, актуелната политичка состојба и за стратешките приоритети на Република Македонија.

Груевски му посочил на Рама дека е за отворена соработка со Република Албанија, базирана на принципиелна основа.

– Во таа насока не помагаат различните документи, како што е тиранската платформа која, како по формата во која беше промовирана, така и во својата суштина нема да придонесе за развивање на пријателство базирано на искрени основи меѓу двете држави и може да има негативен ефект во однос на меѓусебниот соживот во Република Македонија – рекол Груевски. Тој истакнал дека добрите односи меѓу двете држави треба да се развиваат и да  придонесат за релаксирање на атмосферата за градење доверба, која е потребна за економски и за политички напредок на регионот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека е добредојдена поддршката на Република Албанија за интеграција во НАТО и дека постојат заеднички предизвици за напредок на патот кон Европската Унија.