Главна секција Груевски и Заев ќе се сретнат на полноќ

Груевски и Заев ќе се сретнат на полноќ

Лидерите на четирите партии, потписници на Договорот од Пржино, ќе се сретнат вечерва на полноќ во Клубот на пратеници. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја потврдил оваа информација за Радио Слободна Европа.

На средбата треба да присуствуваат и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на ДУИ, Али Ахмети, и на ДПА, Мендух Тачи.

Четворицата лидери ќе разговараат за разликите што ги имаат околу отворените прашања поврзани со спроведувањето на Договорот од Пржино.

Најголемиот проблем помеѓу политичките партии, кои се на „добар пат“ да го урнат Договорот од Пржино, се законот за мораториум за „бомбите“ и законот за влада.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат со законот за мораториум за „бомбите“ да бидат опфатени сите прислушувани материјали и инсистираат на затворски казни за претставници на медиумите што ќе ги објават. Од СДСМ, пак, се против ваквиот предлог и се залагаат за промена само во Кривичниот законик, каде би се зголемиле казните за поседување на прислушуваните материјали.

Посредникот во преговорите, Питер ван Хојте, изјави дека тој закон мора да биде направен според европските стандарди.