Македонија Груевски: Две кинески компании сериозно заинтересирани за инвестирање во Македонија

Груевски: Две кинески компании сериозно заинтересирани за инвестирање во Македонија

Две кинески компании се серозно заинтересирани за изградба на голема кланица и на цементрарница во Македонија, а постои интерес и за реализација на енергетски проекти, најави премиерот Никола Груевски по денешната билатерлана средба со кинескиот колега Ли Кечијанг во Белград, во рамките на Самитот меѓу шефовите на влади на НР Кина и на земјите од Централна и од Источна Европа.

– На средбата ги реафирмиравме проектите што ги отворивме минатата година, од кои едниот е градба на голема фарма и на кланица за која оттогаш досега голема кинеска компанија дојде трипати во Македонија и ги разгледуваше сите можности. Прават анализи и засега се со позитивен впечаток, но останува да видиме дали ќе дојде до финализирање. И лани, а особено сега, покажаа огромен интерес за градба на цементарница. Премиерот побара и да се забрзаат разговорите околу тоа – изјави премиерот Груевски по билатералната средба, нагласувајќи дека се заблагодарил за поддршката на Кина за градбата на автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Штип.

Тој посочи дека на средбата станало збор и за проекти во делот на енергетиката и на туризмот, како и за индустријата и за индустриските зони.

– Разговаравме и за градба на брзата пруга. Од наша страна министерот за финасии, Зоран Ставрески, и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, договорија бргу да почнат разговори со нивните министри, пред сè за финасии, за деталите, односно кој ќе биде начинот на финасирање и како ќе се гради. Начелно, ние сме многу заинтересирани, но сакаме да ги видиме деталите, начинот и условите како ќе се финасира – рече Груевски.

Станало збор и за потпишување спогодба за авиотранспорт за што, како што рече преммиерот, кинески компании веќе покажале интерес.

– Со кинеските, но и со други финансиски институции, разговараме и за целосно заокружување и за затворање на финансискиот пакет за градба на примарен гасовод во Република Македонија и се надевам дека наскоро тоа ќе го затвориме дали со нивната Ексим банка или со ЕБРД или, пак, со некоја друга финансиска институција – посочи Груевски и изрази надеж дека дел од проектите успешно ќе се реализираат.

На билатералната средба со премиерот на Србија, Алексаандар Вучиќ, пак, беа потврдени добрите односи меѓу двете земји, а се разговарало и за унапредување на економската соработка, преку реализација на инфраструктурни проекти од регионален карактер.