Илјадници грчки граѓани вечерва излегоа на масовен антивладин протест пред парламентот во Атина. Демонстрантите, обединети под мотото „Дајте си оставка“, побараа да си замине премиерот Алексис Ципрас и неговата влада, упатувајќи порака дека се изморени од нивната политика и од начинот на раководење на државата.
Пред парламентот се вееја грчки и знамиња на Европската Унија, се слушаа стари изјави на Ципрас пред да стане премиер со кои ветува дека нема да гласа нови мерки за штедење. Народот ја исвиркуваше владата и извикуваше „Не ве сака народот, одете си“, „Измамници, лажговци“, „Ципрас собери си го циркусот и оди си“.
Разочарани граѓаните коментираа дека и со оваа влада наместо кон подобро, работите одат само кон полошо. Бараа или да си даде оставка или да формира влада на национален консензус, која ќе ја спаси државата.
„Решението е само да се формира коалиција со сите други политички партии. И да дојде друга партија по СИРИЗА, сама ништо не може да смени“, коментира еден пензионер.
Луѓето коментираа дека оваа влада има изнакажано толку многу лаги што веќе и самите не знаат што да очекуваат понатаму.
Во исто време имаше и масовен протест пред Белата кула во Солун.
Граѓанскиот протест во Атина и во Солун беше инициран на социјалните мрежи. Демонстрантите бараа целосна промена на владината политика, реформи, излез од меморандумот за штедење, намалување на даноците и кратење на државните трошоци. Граѓанскиот протест имаше поддршка и од опозициските партии Нова демократија, ПАСОК и Река.