Свет Балкан Грција враќа 6,8 милијарди евра од долгот

Грција враќа 6,8 милијарди евра од долгот

Грчката влада утринава дала налог за отплата на 6,8 милијарди евра од долгот кон кредиторите, соопшти министерството за финансии.

Станува збор за пари кои Грција им ги должи на Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и на Централната банка на Грција. ЕЦБ ќе добие 4,2 милијарди евра, а ММФ 2,05 милијарди, кои се заостанатата рата што требаше да биде исплатена до 30 јуни. Грција, исто така, ќе ѝ исплати 500 милиони евра на Централната банка за добиениот заем.

Грчките банки денеска, по три недели, повторно се отворени, а на сила и понатаму остануваат мерките за контрола на капиталот, кои имаат цел да ги спречат прекумерното подигнување пари и економски колапс. Берзата во Атина и понатаму е затворена.

Ова се први знаци на стабилизација, но разговорите за третиот пакет финансиска помош за Грција доправ треба да почнат. Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека исплатата на помошта ќе почне откако Атина ќе ги исполни условите.