Свет Балкан Грција парализирана поради генералниот штрајк на јавните служби

Грција парализирана поради генералниот штрајк на јавните служби

Јавните служби во Грција денеска престанаа со работа бидејќи работниците стапија во првиот генерален штрајк откако во јануари левичарската коалиција ја презеде владата, јавуваат светските агенции.

Јавниот сообраќај е сериозно нарушен, затворено е метрото во Атина, автобуските и тролејбуските линии се скратени, а траектите се на пристаништата.

Заради штрајкот, затворени се музеи, училишта, аптеки, а државните болници работат само за итни случаи.

Повеќе од десетина домашни летови се откажани, а медиумите објавуваат само важни вести.

Синдикатите повикуваат на 24-часовен штрајк во знак на протест за претстојните реформи на пензискиот систем.

Владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас вети дека според договорот со кредиторите од август, во вредност од 86 милијарди евра, ќе се реформира пензискиот систем и ќе се решат проблематичните заеми, за да се исполнат барањата на кредиторите и да се добијат ратите за помош и пристап до фондовите за помош на банките.

На неодамнешниот состанок на еврозоната, на Грција не ѝ беше одобрена рата од две милијарди евра бидејќи кредиторите сметаат дека властите во Атина сè уште не ја примениле првата серија барани реформи кои се однесуваат на заплена на имот.

Големиот пораст на ненаплатливи заеми среде финансиска криза се појави како едно од клучните прашања во преговорите меѓу Грција и кредиторите.

Кредиторите наведуваат дека треба да се олесни заплената на куќите, за банките да можат да ги исчистат лошите заеми, додека владата е загрижена дека со тоа голем број луѓе ќе останат на улица.