Економија Грција и Кипар пред договор со Израел за слободна економска зона

Грција и Кипар пред договор со Израел за слободна економска зона

Веста за подготвената трилатерала беше потврдена и од портпаролот на кипарската Влада

Откако Грција и Кипар во текот на викендот во Каиро, потпишаа идентичен документ со Египет, што предвидува исцртување на заедничка посебна економска зона, сега се подготвуваат да потпишат спогодба со Израел, пишува весникот „Етнос“.

Со оваа се отвора патот за подготовка и за реализација на новата тристрана средба, овојпат меѓу Грција, Кипар и Израел.

Веста за подготвената трилатерала беше потврдена и од портпаролот на кипарската влада, Никос Христодулидис.

Според планот, кипарскиот претседател Никос Анастасиадис на 2 декември ќе го посети Ерусалим, каде ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а средбата ќе треба да даде поттик за билатералните односи не само во енергетскиот сектор, туку и во однос на безбедноста, која заради ситуацијата во Сирија може да создаде нови предизвици.

В среда, пак, во Атина се планирани консултации на висока делегација на израелското министерство за надворешни работи, на кои акцент ќе се стави врз подготовката на новата тристрана соработка меѓу Грција, Кипар и Израел.