Свет Балкан Грција бара милијарда евра од ЕК за бегалската криза

Грција бара милијарда евра од ЕК за бегалската криза

Грција ќе поднесе итно барање за повеќе средства од Европската комисија за справување со бегалската криза на источните егејски острови, пишува денеска „Кaтимерини“, наведувајќи дека владата побарала само мал дел од неопходните средства за справување со ситуацијата, кои, според процените, би требало да изнесуваат околу една милијарда евра.

Според извори на весникот, грчката полиција денеска ќе побара шест милиони евра од итните фондови на Брисел за да се покријат трошоците за новата опрема и за испраќање на дополнителни сили на островите, како што се Лезбос, Кос, Самос и Хиос, каде секојдневно од Турција пристигнуваат околу 2.000 бегалци.

Европската комисија летово одобри итен трансфер на 2,8 милиони евра за грчката крајбрежна стража.

Сепак, грчките власти не се оптимисти дека ќе добијат доволно средства колку што им се потребни. Министерот за економија, Никос Христодулакис, изјави дека на Грција ѝ се потребни една милијарда евра, но оти не можат да бидат сигурни дека таа сума ќе ја добијат.

– Минималната сума што ѝ е потребна на Грција е 400 милиони евра од европските фондови за азил и 330 милиони од фондот за сиромашни и за итни инфраструктурни решенија – рече Хистодулакис.

Изјавата на грчкиот министер за економија доаѓа во време кога заменик-претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, и еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, пристигнуваат во Атина.

– Тука сме денеска за да разговараме со грчката влада за тоа како на најдобар начин можеме бргу да ги имплементираме одлуките, кои се неопходни за нас за да можеме финансиски и материјално да помогнеме и да ја подобриме ситуацијата – рече Тимерманс по средбата со привремената грчка премиерка Василики Тану.