Свет Балкан Грција бара хуманитарна помош од ЕУ поради бегалците

Грција бара хуманитарна помош од ЕУ поради бегалците

Грција денеска побара од ЕУ хуманитарна помош поради „нестабилната ситуација“ настаната од приливот на мигранти и на бегалци на нејзиниот брег од Блискиот Исток и од Африка.

Атина побара од ЕУ да го активира механизмот за цивилна заштита, да испрати персонал, медицински и фармацевтски резерви, облека и опрема, соопшти грчкото МВР.

Еден од грчките траекти утринава превезе 2.500 мигранти во пристаништето Пиреј, со што вкупниот број на новодојдени во последните седум дена се зголеми на повеќе од 15.000 лица.

Илјада луѓе чекаат да бидат идентификувани и префрлени во Атина на својот пат кон европските земји.

Тензиите се зголемуваат на грчките острови, вклучувајќи ги Кос и Лезбос, каде повеќето бегалци доаѓаат од турскиот брег.

Механизмот на ЕУ за цивилна заштита ги координира хуманитарните напори на европскиот блок, насочува и испраќа специјални тимови со опрема во загрозените зони. Овој механизам претходно беше користен кога во Грција беснееја шумски пожари.