Економија Грантови за нови старт-ап и спин-оф компании од ФИТР

Грантови за нови старт-ап и спин-оф компании од ФИТР

На повикот „Стартапувај” кој е петти по ред, во ФИТР пристигнаа 363 проектни апликации од страна на компании и проектни тимови

Фото: ФИТР

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска ги прогласи добитниците на финансиска поддршка преку јавниот повик „Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин оф“, преку кој 2,3 милиони евра се распределуваат за развој и поттикнување на иновативноста кај домашните претприемачи и започнувањето на сопствени бизниси.

Како што информираат оттаму, вкупно 29 компании и 31 проектни тимови се поддржани преку повикот „Стартапувај – 5” кои ќе започнат со реализација на своите иновативни идеи и бизнис проекти поврзани со истражување и развој.

„Од вкупниот буџет на повикот, 2,3 милиони евра се инвестиција на ФИТР, а 412 илјади евра се средства кои ќе ги инвестираат самите компании“, велат оттаму.

Директорот на ФИТР, Фестим Халили потенцира дека поддршката преку повикот „Стартапувај”, континуирано се зголемува во текот на годините, па денеска, заедно со овие нови проекти, поддржани се вкупно 348 компании, односно 31 отсто од вкупно поддржаните компании од сите инструменти на ФИТР кои реализираат или ќе ги реализираат своите бизнис идеи.

„Фондот гледа навистина голем потенцијал во идеите на младите и иновативните луѓе, а доказ за тоа е и можноста која ја воведовме преку повикот „Стартапувај”, да аплицираат и проектни тимови, кои имаат обврска 30 ден од приемот на известувањето и селецијата да регистрираат своја стартап компанија. Токму вие, млади луѓе и вашите компании сте она здраво јадро во економијата што ќе нè воведе напред, кон нови почетоци и подобра иднина. Со овој повик, ние ја потврдивме уште еднаш нашата посветеност за поттикнување култура на иновации и технологија во нашето општество”, истакна Халили.

На повикот „Стартапувај” кој е петти по ред, во ФИТР пристигнаа 363 проектни апликации од страна на компании и проектни тимови, што зборува за големиот број на ентузијасти и претприемачи кои благодарение на ваквите инструменти, чувствуваат храброст и смелост да започнат со реализација на своите иновативни идеи.