Македонија Граѓаните немаат доверба во владеењето на правото, покажа новата анкета на ИРИ

Граѓаните немаат доверба во владеењето на правото, покажа новата анкета на ИРИ

На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во ЕУ, 79 отсто од возрасните испитаници одговориле со „да“

Фото: Pixabay.com

Новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија покажува зголемена поддршка за членство во ЕУ, ниско ниво на доверба во владеењето на правото и разлики за правецот на движење на локално и национално ниво.

На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во ЕУ, 79 отсто од возрасните испитаници одговориле со „да“. Ова претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.

„Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина. Граѓаните на Северна Македонија ја сметаат интеграцијата со демократски блок каков што е ЕУ како клучна за мир и напредок“, изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.

Анкетата покажа дека поголемиот број на граѓани немаат доверба во владеењето на правото. Само 31 отсто од испитаниците се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на Северна Македонија, најниско ниво до сега. Шеесет и пет отсто не се согласиле со оваа изјава.

„Нашата анкета покажува дека помал број на граѓани имаат доверба во еднакво спроведување на законот. Лидерите во Скопје мора да се осврнат на ова прашање ако сакаат да влеат доверба во владата и во политичките институции на земјата“, рече Мекарти.

Граѓаните се со поделени мислења во однос на насоката според која се движи нивната локална самоуправа споредено со насоката во која се движи државата. Така, 28 отсто од испитаниците сметаат дека нивната општина се движи во вистинската насока, а само 14 отсто го мислат истото за земјата како целина.

Податоците за оваа анкета се собрани во периодот од 8 април до 4 мај. Учествувале 1.204 испитаници на возраст од над 18 години. Оваа анкета е извршена со поддршка од Националната фондација за демократија.