Македонија Граѓаните да учествуваат во новата кампања за пошумување

Граѓаните да учествуваат во новата кампања за пошумување

До крајот на ноември, ќе се реализира на локации во Делчево, Берово, Куманово и Велес

Извор на фотографија: Општина Велес;

Годинешната акција „Ајде да пошумуваме заедно“ има за цел засадување на 1.200.000 садници, во 19 региони, на 36 локации низ државата. До крајот на ноември, ќе се реализира на локации во Делчево, Берово, Куманово и Велес .

„Годинешната акцијазапочнува од овој месец и ќе трае се до март 2024 година и опфаќа пошумување на површина од над 400 хектари со повеќе различни видови садници како бел и црн бор, јавор, багрем, смрча, даб, чемпрез, јасен, костен и ела“, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во Делчево на локацијата Стар Истевник пошумувањето ќе се одржи на 13, 15 и 17 ноември, a во Берово на локацијата Будинарски рид пошумувањето ќе се одржи на 17, 20 и 22 ноември. Во Куманово на локацијата Кокино пошумувањето ќе се одржи на 26 ноември и 5 декември, а во Велес на локацијата Новачани пошумувањето ќе се одржи на 27 ноември.

„Ги повикуваме сите граѓани љубители на природата да ни се приклучат во оваа голема акција за пошумување. Ајде да пошумуваме заедно, ајде заедно да ги чуваме и унапредуваме шумите. За нас, за нашите деца за нашата заедничка иднина“, порачуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Годинешната акција ја спроведува министерството во соработка со ЈП Национални шуми.