Македонија Граѓаните не смеат да останат без здравствени услуги, велат од СДСМ

Граѓаните не смеат да останат без здравствени услуги, велат од СДСМ

„Со попречувањето на мнозинската волја, ВМРО-ДПМНЕ ја попречува и изградбата на нов, современ и функционален универзитетски клинички центар во Скопје што ќе гарантира висококвалитетни здравствени услуги на граѓаните во целата држава и ќе го врати концептот на единствен клинички центар во кој клиниките ќе бидат функционално поврзани“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека граѓаните не смеат да останат без здравствени услуги само затоа што раководството на ВМРО-ДПМНЕ се плаши од одговорност.

„Со секој ден изгубен во непотребни меѓусебни реплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, сè поголема е штетата што ја трпат граѓаните и државата. Загрозено е нормалното функционирање на граѓаните кои не можат да добијат соодветни здравствени услуги. Да не беше блокирано Собранието од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и да имаше нова влада, досега сите осигуреници ќе имаа бесплатно болничко лекување“, велат од СДСМ.

Од партијата велат дека наместо да се лекуваат бесплатно, денес граѓаните мора да ја плаќаат партиципацијата за болничкото лекување, затоа што ВМРО-ДПМНЕ за свои интереси ги кочи демократските процеси, само за да го спаси Никола Груевски од одговорност за криминалот.