Македонија Граѓаните да пријават дотур на стока во центарот на Скопје од 7.30...

Граѓаните да пријават дотур на стока во центарот на Скопје од 7.30 до 18 часот

Градот Скопје упати апел до стопанските субјекти да ја почитуваат одлуката на Советот за запирање на возилата за доставување на стока во централното градско подрачје во периодот од 7.30 до 18 часот.

– Се надеваме дека апелот ќе вроди со плод, но подготвени сме да казнуваме доколку се крши одлуката на Градот – вели Мирослав Богдановски, директор на Инспекторатот на град Скопје.

Според него, состојбата околу почитувањето на забраната ќе ја мониторираат и градските инспектори и сообраќајната полиција, но очекуваат со свои пријави на прекршителите на забраната за дотур на стока во централното градско подрачје да се јавуваат и граѓаните на телефон 3297 231.

Забраната е донесена во март годинава како една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот во градот. Со оваа одлука, трајно се забранува запирање на возилата за доставување стока во централното градско подрачје во тој период.