Македонија Граѓани утре ќе протестираат против спорниот хотел во Лагадин

Граѓани утре ќе протестираат против спорниот хотел во Лагадин

Со почеток точно напладне, утре пред градилиштето на спорниот хотел во охридската населба Лагадин и во непосредна близина на планираната локација за Медитеранска плажа, група граѓани ќе одржат протест за одбрана на Лагадин и на охридското крајбрежје од понатамошна урбанизација и девастација.

И покрај тоа што повод за овој мирен протест е изградбата на спорниот хотел, протестот има цел да го сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сите обиди за уништување на крајбрежјето, езерото и на Националниот парк Галичица, кои најчесто се прават под превезот на развојот и на унапредувањето на туризмот.

„Ги повикуваме сите што не се согласуваат со урбаното, еколошко, звучно и секакво друго насилство врз Охридскиот Регион, да дојдат и заедно со нас, преку еден симболичен чин, гласно да ги повикаат добрите духови на езерото и на планината, во одбрана на автентичното природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и на крајбрежјето“, велат граѓаните во своето соопштение.