Македонија Градоначалничката на Арачиново го осуди нападот на екипата на ТВ 21

Градоначалничката на Арачиново го осуди нападот на екипата на ТВ 21

По вчерашната осуда од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и барањето до сите институции инцидентот со екипата на ТВ 21 во Арачиново веднаш да биде расветлен, попладнето со реакција се јави градоначалничката на Арачиново Миликије Халими. Таа се придружува на осудите и бара целосно расветлување на настанот.

ТВ екипата во вторникот во Арачиново била нападната од четворица мажи кои барале да бидат избришани снимките од граѓаните кои се жалеле на лошата инфраструктура во селото.

„Најостро го осудувам чинот што се случи во просториите на општината. Како прв човек на локалната самоуправа лично ќе се заложам вакви настани веќе никогаш да не се повторат. Слободата на говор, на јавно информирање и непречена работа на медиумите се неприкосновени и цврсто стојам зад тие вредности кои што се и уставно загарантирани. Очекувам и ги повикувам, надлежните институции во најкус можен рок да го расчистат настанот и соодветно да бидат санкционирани“, се вели во дописот што до ЗНМ го испрати Халими.

Новинарското здружение ја поздравува брзата реакција на градоначалничката Миликије Халими и истовремено бара итна и ефикасна истрага од страна на Министерството за внатрешни работи.