Економија Градежна комора: Јавните набавки ја кочат изградбата на инфраструктурата и гасификацијата

Градежна комора: Јавните набавки ја кочат изградбата на инфраструктурата и гасификацијата

Формирање на Меѓуресорно тело, во кое ќе учествуваат претставници на Градежната комора, Владата и општините што ќе гарантира и резултира со побрзо придвижување на секторот градежништво, е барањето на Градежната комора при Сојузот на Стопански комори (ССК) истакнато на денешната прес-конференција.

Претседателот на Градежната комора, Ивица Јаќимовски истакна дека неопходно е интензивирање на работата на компаниите во градежниот сектор. Тој истакна дека во делот на ниско градбата има раздвижување во инвестициите во инфраструктурата, изградбата на патиштата, гасификација, кои спаѓаат во капитални инвестиции и дополнително во периодот кој следи се очекува засилување на темпото.

„Она што е детектирано од страна на компаниите кои работат во овој домен се проблемите во спроведувањето на јавните набавки, честите менувања на плановите за јавни набавки, слабата реализација на плановите за јавни набавки, несоодветната процена на вредноста на набавките и лошата временска рамка на набавките. Потребно е да се обучи државната администрација за да може јавните набавки да се извршуваат поквалитетно, согласно новиот Закон и да се реализираат предвидените средства за капитални инвестиции, за интензивирање и нивна реализација. Институциите треба  да развиваат свои подетални упатства за пресметка на проценетата вредност на набавките. Тоа ќе даде можност да се земат предвид спецификите на различните сектори и природата на набавката која се спроведува, поточно дали станува збор за градежништво во случајот или друг сектор“, изјави Јаќимовски и додаде дека плановите за јавни набавки треба да ги одразуваат потребите, но и реалните финансиски можности на институциите на национално и на локално ниво.

Од комората сметаат дека без градежништво кое со себе повлекува и раст на 26 останати стопански гранки нема раст на севкупната економија.