Македонија Град Скопје во среда треба да одлучи дали ќе го одобри поскапувањето...

Град Скопје во среда треба да одлучи дали ќе го одобри поскапувањето на паркинзите

За една деценија (2009-2020) во Македонија се увезени речиси 350.000 употребувани возила | Фото: Арбнора Мемети

На седницата на Советот на Град Скопје која ќе се одржи во среда, советниците ќе треба да одлучат дали ќе го прифатат барањето за поскапување на паркирањето на паркинзите со кои раководи Јавното претпријатие „Градски паркинг“ во Скопје. Претпријатието бара еден час паркирање во зона А наместо 45 да биде 50 денари, во зона Б наместо 35 да изнесува 40 денари, додека во зоните Ц и Д каде досега еден час чинеше 25 сега да чини 30 денари.

Како што велат од претпријатието, причина за зголемување на цената за паркирање е поради зголемените трошоци за одржување на јавните паркинзи и катните гаражи со кои стопанисува претпријатието. Односно, зголемените трошоци за вода, струја, одржување на лифтовите и опремата инсталирана на паркиралиштата.

Со новиот ценовник предвидена е и нова цена за месечните паркинг карти во катните гаражи за вработени и фирми кои гравитираат околу паркингот. Наместо 1.000 цената се предлага цената да биде 2.000 денари.

„Мета.мк“ претходно објави дека поради различните правила на паркинзите во Град Скопје, граѓаните мора да се снаоѓаат со цел да избегнат казни. „Мета.мк“ веќе подолго време пишува за проблемот со паркирањето во Скопје. Покрај фактот што бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање е за неколку пати поголем од бројот на паркинг места со кои располагаат јавните претпријатија, стапката на моторизација на населението расте, а со тоа само растат грижите за пронаоѓање на место за паркирање кај возачите.