Фото: Арбнора Мемети

Светскиот ден без автомобили, 22 Септември, и годинава со симболични настани се одбележува од страна на државните институции и општините низ земјава. Функционерите по правило токму денешниот ден го користат за фотографирање како се движат пешки до работа или како возат велосипеди. Сепак, официјалните статистички податоци покажуваат дека стапката на моторизација на населението во земјава незапирливо расте од година во година, бројот на патници во јавниот превоз (градско-приградски, меѓуградски автобуски, железнички) опаѓа, а властите не преземаат доволно мерки за да ги убедат граѓаните што помалку да ги користат своите автомобили.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во нашата земја лани имало 205,2 патнички автомобили на секои 1.000 жители. Бројот на автомобили по „глава на жител“ незапирливо расте во изминативе неколку години. Колку за споредба, во 2012 година на секои 1.000 жители сме имале по 146,4 патнички автомобили, што е знак дека бројот на граѓани кои поседуваат еден или повеќе автомобили постојано расте.

Во реалноста, Македонија со ваквата стапка на моторизација е на самото европско дно, ако се земе во предвид фактот дека во ЕУ во 2018 година на секои 1.000 жители имало по 519 патнички автомобили. Но, исто така, треба да се спомене фактот дека токму уделот на поминати километри на автомобилите постојано расте во нашата земја, додека бројот на превезени патници во јавниот превоз е во континуиран пад. За разлика од ваквата негативна состојба кај нас, во земјите-членки на ЕУ расте бројот на превезени патници со железничкиот превоз, а истото важи и за јавниот превоз во градовите и за користењето на велосипедскиот транспорт.

„Мета.мк“ во изминатиов период објави серија на теми, почнувајќи од огромниот пад на превезени патници со патничките возови во земјава, намалувањето на бројот на превезени патници во градскиот превоз во Скопје, проблемот со недостиг на паркинг места, акутното аерозагадување и секојдневните маки со кои се соочуваат граѓаните што го користат својот велосипед како превозно средство.

Како и во многу случаи досега, ги предложивме и ги повторивме десетиците можни решенија со кои граѓаните би можеле да се стимулираат да го остават нивниот автомобил дома, вклучувајќи овде само дел од нив кои воопшто не чинат премногу средства: проширување на велосипедските патеки низ градовите, воведување на автоматизиран систем за изнајмување велосипеди во Скопје, воведување на комбиниран билет за градски превоз и патување со воз во Скопје, можност за транспорт на велосипед во возовите и градските автобуси, Park & Ride паркинзи на периферијата на Скопје. За жал, за многу од овие проекти нема доволно слух за реализација кај надлежните власти.

Од граѓанската иницијатива „На Точак“ денешниот Ден без автомобили им го честитаат на сите оние граѓани, кои во постојните услови во Скопје, практикуваат живот со помало користење на автомобил.

– Се надеваме еден ден ќе го одбележуваме како што доликува. И дека постепено ќе ги поправаме декадите грешки во сообраќајното планирање – порачуваат од граѓанската иницијатива „На Точак“.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека Денот без автомобили – 22 Септември годинава се одбележал претежно преку онлајн кампањи поради ситуацијата со ковид-19. Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност, се организираа велосипедски дефилеа, се промовираа пешачки зони, нови велосипедски патеки, еколошки програми и проекти, мобилни апликации и слично.