Македонија Град Скопје почетокот на прскањето против комарци го одложува за в среда

Град Скопје почетокот на прскањето против комарци го одложува за в среда

Авионско прскање против комарци. Фото: Град Скопје

Вонредното прскање против комарци во Скопје кое требаше да почне утре во раните утрински часови и да продолжи в среда во истото време, се одлага за еден ден, односно почетокот на прскањето ќе биде в среда, соопшти Град Скопје.

Како причина за одлагањето е наведено „денешното влошување на временските услови и најавите за нестабилност во текот на утрешниот ден“.

Прскањето ќе биде авионско, а Град Скопје ги известува пчеларите навремено да преземат мерки за заштита на своите пчели.

Граѓаните на Скопје во последните денови постојано се жалат на наездата на комарци, иако прскање се вршеше предминатиот викенд. Град Скопје како причина за наездата ја наведе големата влажност во вегетацијата, која овозможува поволни услови за размножување на комарците.