Македонија Град Скопје: Ноќеска и утрово фрлени 155 тони сол на булеварите и...

Град Скопје: Ноќеска и утрово фрлени 155 тони сол на булеварите и на улиците

Екипите на зимската служба на Град Скопје во текот на ноќта и утрово до 7 часот фрлиле 155 тони сол на градските булевари и улици, особено на критичните места. Како што информираат од Град Скопје, нивните екипи и понатаму се на терен и го расчистуваат снегот и мразот од улиците и од тротоарите.

Возилата на зимската служба интервенирале на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и на високите зони кон Водно, Пржино и Железара, како и на сите други места во главниот град, означаени како „црни точки“.

„Зимската служба на Градот будно ја следи состојбата на терен и ќе интервенира според потребите. Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување“, велат од Град Скопје.

Оттаму апелираат до граѓаните, куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.