Галерија Град и дожд го поплавија Радовиш

Град и дожд го поплавија Радовиш

Општина Радовиш денеска беше зафатена со обилни дождови проследени со град. Најмногу дожд имаше во Радовиш, како и во околните места Ињево, Воиславци, населба Дамјан, Тополница.

Речното корито на река Сушица се прели, а радовишката Стара Река речиси беше полна со вода. Од надојдените води, поплавени се голем број станбени објекти во градот и во селата, земјоделските посеви во Радовишко поле, исто така, се поплавени, а голема штета има и во индустриските капацитети. Градскиот водовод претрпе големи штети од невремето, а населението во дел од градот Радовиш е без вода.

Влезот во градот за кратко беше затворен поради надојдената вода, а сообраќајот се регулираше од сообраќајна полиција. Во текот на целиот ден на терен беа екипите на ЈП „Плаваја“ и ППЕ „Радовиш“, кои интервенираа со сите можни расположливи сили.

Тимови на Општина Радовиш извршија обиколки на теренот и ги согледаа состојбите. Градоначалникот Сашко Николов го свика кризниот штаб за насоки за понатамошното справување со оваа елементарна непогода.