Подглавна секција Големи протести во Грузија по новиот предлог-закон за странски агенти

Големи протести во Грузија по новиот предлог-закон за странски агенти

Архивска фотографија од протестите во Грузија во октомври 2019 година | Фото: Tbel Abuseridze on Unsplash

Демонстрантите се судрија со полицијата во Тбилиси, главниот град на Грузија откако Собранието го поддржа контроверзниот нацрт-закон за странски агенти, за кој критичарите велат дека ја ограничува слободата на печатот и го потиснува граѓанското општество. За да ја растераат толпата пред зградата на Парламентот, полицајците употребија водени топови. Како што соопштува Би-би-си, неколку полицајци се повредени, a била оштетена и полициска опрема.

За овој нацрт-закон има широка меѓународна осуда. Согласно новите правила, секоја невладина организација и независен медиум кој добива повеќе од 20 отсто од финансиите од странство, ќе се декларира како странски агент. Тие, според законот, ќе бидат под надзор на Министерството за правда на Грузија, а прекршителите ќе подлежат на високи казни.

Опозицијата го опиша овој нацрт-закон како закон со руски стил кој ќе го стигматизира и ќе го запре граѓанското општество во Грузија и независните медиуми.

ЕУ во моментов ја разгледува апликацијата на Грузија за кандидатски статус во ЕУ, а шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, предупреди дека нацрт-законот е „некомпатибилен со вредностите и стандардите на ЕУ“.