Главна секција Ги силувал трите малолетни ќерки, мајката знаела, но молчела

Ги силувал трите малолетни ќерки, мајката знаела, но молчела

„На 27 јуни, едно од девојчињата се охрабрило и го пријавило таткото во полиција“, соопшти обвинителството кое побара мерка притвор за двајцата родители, како и згрижување за децата

Фото: Alexa from Pixabay

Малолетно девојче на 27 јуни годинава во полициска станица во прилепско го пријавила својот 36 годишен татко дека ја силувал нејзе и нејзините две малолетни сестри.

Како што соопшти јавното обвинителство, таткото, во текот на три години, од 2021 до 2023 година на повеќе наврати ги силувал неговите ќерки родени во 2008, 2010 и 2014 година.

Поради тоа, Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 36-годишен жител на прилепско за кого постои основано сомнение дека сторил продолжени кривични дела – Силување на дете кое не наполнило 15 години од член 188 став 1, како и Родосквернавење од член 194 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Покрај таткото, истрага е започната и за мајката на децата, која, како што соопшти обвинителството, знаела дека таткото ги силува малолетните девојчиња, но таа молчела и „ги убедувала дека е срамота да пријават и дека треба да ги почитуваат родителите“.

„Мајката е осомничена за кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик. Делото го сторила со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување и ги запуштила своите ќерки, кои и кажале дека таткото врши полови дејствија и обљуба врз нив“, соопшти Јавното обвинителство Прилеп.

Со тоа, мајката дозволила децата-жртви да живеат заедно со нивниот татко кој полово ги злоупотребувал и не презела никави мерки за нивна заштита.

„На 27 јуни, едно од девојчињата се охрабрило и го пријавило таткото во полиција“, соопшти обвинителството кое побара мерка притвор за двајцата родители, како и згрижување за децата.

„Имаше крвав поглед како во хорор филм“: По три пријави за семејно насилство дневно