Свет Европа Германските експерти препорачуваат декриминализација на абортусот

Германските експерти препорачуваат декриминализација на абортусот

Во Германија абортусот е дозволен во првите дванаесет недели од бременоста, под услов претходно да се помине низ советување

Photo by MART PRODUCTION: https://www.pexels.com/photo/photo-of-person-using-ultrasound-scan-7088491/

Германија треба да го декриминализира абортусот, а во рана фаза целосно да го дерегулира, најави експертската комисија назначена од Владата, пренесе германската новинска агенција ДПА.

„Во раните фази од бременоста законот треба да дозволи абортус“, се вели во извештајот на Комисијата објавен вчера.

Во Германија абортусот е дозволен во првите дванаесет недели од бременоста, под услов претходно да се помине низ советување.

Дозволен е и абортус поради одредени медицински причини, како и жртви на силување. Сето ова, сепак, дефинира исклучоци од Кривичниот законик, кој абортусот го третира како кривично дело.

Трипартитната коалиција на канцеларот Олаф Шолц во коалицискиот договор кон крајот на 2021 година предвиде ветување дека ќе ја разгледа можноста за отстранување на абортусот од кривичните прописи.

„Суштинската криминализација на абортусот во раните фази на бременоста е неодржлива. Законодавецот мора да го декриминализира абортусот“, рече координаторката на комисијата Лиане Ворнер.

Иако абортусот е изземен од казна под одредени услови, „тој сè уште е означен како нелегален“, додаде нејзината заменичка Фрауке Бросиус-Герсдорф.

Промената на законот не е само формалност, додаде таа. За жените кои поминуваат низ тоа искуство, важно е дали тоа е легално или нелегално.

„Дополнително, статусот на абортус влијае на обврската за осигурување на жените“, изјави Бросиус-Герсдорф.