Свет Европа Германија покрена истрага против новинари за предавство

Германија покрена истрага против новинари за предавство

Германија покрена истрага за можно предавство против интернет-страница која објави планови за зголемување на приходите на разузнавачката агенција за следење активности на интернет.

Германските медиуми наведуваат дека ова е првпат по повеќе од 50 години новинари да се соочуваат со обвинение за предавство. Ваквиот чекор, според некои групи, претставува напад на слободата на печатот.

– Обвинителството покрена истрага поради напис објавен на блогот „Нецполитик“ – соопштено е од канцеларијата на сојузниот обвинител.

Во соопштението се наведува дека истрагата е покрената по пријавата на германската разузнавачка агенција, Канцеларија за заштита на Уставот, поради написите објавени на интернет-страницата на 25 февруари и на 15 април годинава.
Агенцијата наведува дека текстовите се засновани на документи со ознака „доверливо“.

Германската државна телевизија „А-Ер-Де“, наведува дека порталот објавил напис за тоа како канцеларијата за заштита на уставот побарала дополнителни средства за засилено следење на активностите на интернет, како и за планови за воспоставување специјална единица за надзор на социјалните мрежи.

Порталот „Нецполитик“ е специјализиран за теми во врска со политика на интернет, заштита на податоците, слобода на информациите и за прашања за дигитални изданија.