Свет Балкан Герџиков призна дека има тензија меѓу Бугарија и Турција

Герџиков призна дека има тензија меѓу Бугарија и Турција

Има одредена тензија во дипломатските односи меѓу Бугарија и Турција, призна денеска техничкиот премиер на Бугарија, Огњан Герџиков.

При посетата на подунавскиот град Русе, премиерот изјави дека Бугарија треба да има добрососедски односи со Турција и дека „вакви обиди за не баш коректно однесување во предизборниот период не се добри“, посочувајќи на изјавите на турскиот премиер за труд и социјална сигурност, Мехмет Муезиноглу, дадени пред бугарски иселеници во Турција на 3 и на 6 март, кога препорача на претстојните избори да се гласа за партијата ДОСТ.

Герџиков се надева дека работите нема да ескалираат до краен степен, каков што би бил прекинот на дипломатските односи.

– Не треба да дозволиме да се случи тоа меѓу две соседни земји. Искрено се надевам дека нема да стасаат работите до таму – рече Герџиков.

Техничкиот премиер на Бугарија потсети дека на 7 март се сретнале заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Бојко Мирчев, и турскиот амбасадор во Софија, Сулејман Ѓокче.

Герџиков кажа и дека има сигнали дека се купуваат гласови за претстојните предвремени парламентарни избори, и тоа во северозападните и во југоисточните краеви на Бугарија. Сепак, тој увери дека се преземаат мерки да се спречи тоа.

– Сите структури се мобилизирани, бидејќи мора да покажеме решителност во борбата со оваа многу лоша појава – Бугари да си ги продаваат гласовите за пари, што е недозволиво за една европска земја – изјави Герџиков, уверувајќи дека се вршат систематски подготовки за изборите.