Свет Балкан ГЕРБ на Борисов победи на изборите во Бугарија

ГЕРБ на Борисов победи на изборите во Бугарија

Претседателката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова го призна поразот на предвремените парламентарни избори, што се одржаа вчера во Бугарија, откако анкетите за излезност покажаа дека нејзината партија е на второто место, зад партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Нинова им ја честиташе победата на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), која според анкетите на гласачките места освоила повеќе од 32 отсто од гласовите.

Борисов синоќа изјави дека неговата партија е подготвена да формира влада, но не сакаше да каже со која партија ќе се обиде да направи коалиција.

– ГЕРБ има должност да формира влада затоа што тоа е волјата на народот и затоа ги свикавме предвремените парламентарни избори – рече Борисов, кој во ноември поднесе оставка откако на претседателските избори нивната кандидатка беше поразена.